15645100_10211614969951189_1460972764_n

Alumni stories: Волонтерското искуство на Кристина Прилепчанска во Аргентина

Моето искуство во Аргентина траеше месец и половина и за тоа време таму предавав aнглиски јазик. Студирав на Машински Факултет, но предавав англиски на ученици од предшколска возраст, па се до возрасни од 40тина години во Институт за англиски јазик. Сакав да отидам баш во Аргентина затоа што беше дестинација која уште како мала сум сонувала да ја посетам. Шпанскиот јазик го знаев онолку колку и повеќето мои врсници во Македонија – само од серии што сум ги гледала како дете. На крајот на мојата пракса воочив дека со мојот престој таму научив толку колку што се учи овде во можеби и една година. Доживеав културен шок кога отидов во Аргентина, но не беше огромен поради сличностите кои ги видов во секојдневието и менталитетот таму, па единствената огромна разлика беше што не го знаев јазикот доволно за да се разберам, а таму речиси никој не зборува англиски. Сепак, тоа беше еден од предизвиците кој сакав и успеав да го надминам. Преку праксата придонесов да учениците имаат можност да го вежбаат англискиот јазик, особено изговорот, со некој надвор од латинска америка. Уште на самиот почеток се договоривме со останатите предавачи во институтот да со учениците зборуваме стриктно на англиски (дури и да се преправаме дека воопшто не разбираме шпански) за тие да мораат на тој јазик да разговараат со нас.

5

Бев сместена во Ла Плата, административниот центар на Аргентина, недалеку од главниот град Буенос Аирес. Праксата беше овозможена од Локалниот Комитет Ла Плата. Во периодот додека јас бев таму паралелно се одвиваа два проекти и освен мене имаше уште 12-15 практиканти. Другите практиканти беа од останатите држави во Јужна Америка (Бразил, Еквадор, Перу, Мексико), 3 девојки беа од САД, а само јас и една девојка од Франција доаѓавме од Европа. Освен што научив многу за аргентинската култура и историја, научив многу и за цела Јужна Америка, а особено ми беше интересно да дознаам за историјата на континентот пред доаѓањето на шпанските и португалските колонии, за старите цивилизации и народи и како сегашните жители гледаат на тоа. Преку останатите практиканти имав можност да слушнам и малку поинакви дијалекти на шпанскиот јазик.

4

Престојував со семејство во кое бев топло примена како нивен член и со кое сум сè уште во контакт. Во ниту еден момент не се почувствував осамена затоа бев инволвирана во сè што се случуваше во семејството, во институтот имав прекрасни колеги и атмосфера, а во слободното време се организираа дружби со останатите практиканти и членовите на АИЕСЕК. Излегувавме во кафулиња, ресторани, дискотеки, членовите организираа собиранки кај нив дома, со уште неколку практиканти еден викенд дури и искористивме да отидеме до северниот дел на Аргентина, на тромеѓето со Бразил и Парагвај и да ги видиме најголемите водопади на светот – Игуасу. Неколку пати бевме и во посета на Буенос Аирес. Она што го направи искуството уште поинтересно е тоа што во периодот додека бев таму се одвиваше Светското Фудбалско Првенство во Бразил, во кое Аргентина играше и во финалето, и за време на сите натпревари во кои учествуваше нивниот тим сè беше ставено на пауза – улиците се празнеа, продавниците се затвораа и сите се организираа и собираа некаде за да навиваат за тимот. Откако ќе победеа, улиците се преплавуваа со навивачи облечени во националните дресови, насекаде го имаше аргентинското знаме и градовите ечеа од навивачките песни.

3

Освен што сите практиканти низ секојдневието си ги претставуваме и учевме еден од друг за своите земји, еден ден беше одвоен и специјално за тоа. Интернационалната вечер се организираше во куќата на семејството каде бев јас сместена (мојата аргентинска “сестра” беше член на АИЕСЕК) и таа вечер сите практиканти се претставивме со некое традиционално јадење и пијалок. Во Јужна Америка ги пробаа македонските ракија, мастика, ајвар, малиџано, па и грав и сарма, а некои знаат и да кажат по некоја реченица на македонски и дури и да заиграат малку пајдушко.

2

Да отидеш на волонтерска пракса значи да одиш за да придонесеш на некаков начин за локалната заедница. Ви препорачувам на сите да одите на каква било пракса преку АИЕСЕК затоа што ќе ви го смени начинот на гледање на светот, луѓето и нивните култури. Оставете ги умот и душата отворени, дури не се ни обидувајте да дознаете и истражите многу за земјата во која одите пред патувањето за да имате каде да ги складирате впечатоците додека сте таму и да уживате во тоа што ви се случува и го осознавате во моментот.

15645100_10211614969951189_1460972764_n

Промената што едно вакво искуство ја прави е најмногу во комуникацијата со луѓето, затоа што кога си цело време во една средина, во комфорната зона, немаш можност да воочиш дека има толку различни луѓе, менталитети и мислења, а тоа може само интернационалното искуство да го овозможи. Учиш како да се снаоѓаш сам (и покрај тоа што си опколен со нови пријатели) и сорзеваш. Учиш и откриваш многу работи за самиот себе затоа што и ти како личност за прв пат имаш шанса да се видиш себеси во нова околина и нови ситуации. На крај, секогаш остануваат добрите спомени и доживотните пријателства!

xbd