Ива Пивкова: AIESEC искуството низ моите очи

Како се одлучив на овој чекор? Се започна со тоа што решив дека сакам ова лето да ми биде поинакво од претходните,  сите слични меѓу себе лета, но не знаев на кој начин поинакво. Моја добра другарка, поранешен AIESEC член ми предложи да се зачленам на платформата на AIESEC и да ги разгледам праксите кои се нудат. Не знаев на кој начин точно се одвива целата постапка и најпрво бев скептична дека целата процедура би траела долго време, а јас сакав некое едноставно и брзо решение.  Меѓутоа, се се одвиваше толку брзо. Се пријавив на неколку пракси кои ми изгледаа интересни и соодветни за мојата професија, и за помалку од еден месец се упатив кон Белград, несвесна дека ќе проживеам фантастични 6 недели.

1

2

Бевме сместени во средношколски дом заедно со многу други студенти од целиот свет дојдени преку слични младински организации. Праксата беше главната причина поради која сите се најдовме на тоа место, но сепак на крај беше само еден дел од целото искуство.  Секако дека голем дел од денот го поминував во компанијата за која што ја извршував истата, меѓутоа попладнињата на „Кнез Михајлова“, „ Скадарлија“ и Ада, како и ноќите поминати на Калемегдан и во лобито на нашето престојувалиште  беа нештата кои го направија целиот престој незаборавен. За тоа кратко време успеав да стекнам огромен број на познаници и многу пријатели, неколку вистински со кои сеуште сум во контакт. Српските членови на AIESEC LC FON беа навистина одлични домаќини, се грижеа за и за најмалите проблеми што се појавуваа и се потрудија уште од самиот почеток да се чувствуваме како дома. „Global village“ беше настан организиран токму од нив чија што цел беше да ја претставиме културата на својата држава, па така имавме прилика да вкусиме палента припремена на романски начин, вкусната турска баклава  и многу други национално препознатливи специјалитети.

z1

z2

Единствена работа за која жалам е тоа што не се решив на овој чекор порано. На сите оние кои се размислуваат дали да се одлучат да го направат  истото топло  го препорачувам. Искуството е незаменливо,  има само една негативна работа, времето кога треба да се каже збогум на сите оние неверојатни луѓе, но секако не засекогаш, туку до некој нареден пат…

z3