Антонио Јовановски – Основач на невладината организација “Go Green” го раскажува неговото АИЕСЕК искуство

Антонио е дипломиран економист на смерот “Маркетинг” на Економскиот Факултет во Скопје и во 2009-та година ја започнува младинската еколошка невладина организација Go Green каде е и претседател до 2013-та година. Претходно е активен член на АИЕСЕК од 2003 до 2008 и носител на лидерски позиции во Македонија и Франција. Исто така со Go Green е еден од основачите на Националниот Младински Совет на Македонија и член на управниот одбор во периодот 2013-2016 година.

Од каде дознавте и зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

  • Во АИЕСЕК се зачленив сосем случајно поминувајќи покрај канцеларијата на Економски Факултет. Студентите кои беа пред вратата зрачеа со позитивна енергија и решив да пополнам апликација. Таа апликација подоцна ми го промени животот.

Колку време бевте член на оваа организација и во која област членувавте?

  • Моето искуство во оваа организација траеше цели 5 незаборавни години. Кога се зачленив во АИЕСЕК влегов во 2003-та година како дел од проект за поддршка на извоз на македонски производи, потоа веднаш станав проектен менаџер на еден проект за размена со Унгарија. Потоа се решив да аплицирам за извршниот одбор на АИЕСЕК Скопје, како потпретседател за функционалната област Incoming Exchange, а потоа и уште една година како потпретседател за Надворешни односи, односно бев одговорен за брендинг и продажба. Истата година бев и организатор на проектот “Career Days” кој тогаш славеше 10 години од своето постоење. Потоа во 2006 година одлучив да стекнам повисоко лидерско искуство и алицирав за претседател на АИЕСЕК Македонија. Откако ја добив таа позиција па се до крајот на мандатот собрав огромно знаење за АИЕСЕК на меѓународно ниво и тоа многу ми помогна за наредната година да аплицирам за претседател на АИЕСЕК Франција. Во АИЕСЕК Франција имав можност да работам со извонредни менаџери од Alcatel-Lucent, Google, Hewlett Packard, а воедно и да водам организација со 14 локални канцеларии ширум Франција.

Дали би можеле да одвоите еден “highlight” од вашето АИЕСЕК искуство?

  • Од сето мое искуство во АИЕСЕК она што ми остави најголем впечаток беа изборите за претседател на АИЕСЕК Франција. Тоа е едно искуство коа засекогаш ќе го памтам и сеќавање кое секогаш ме мотивира да бидам подобар во се што правам.

Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

  • Откако влегов во АИЕСЕК почнав да размислувам за самиот себе и за околината. Вредности кои еден човек треба да ги има и општество во кое сакаме да живееме. Оној круг на учење и “self-discovery“ процес кој го доживеав ме инспирираше и ме води ден денес низ животот. Мрежата на млади луѓе со иста визија за подобар свет е многу мотивирачка и искрената желба за позитивна промена до денес ми претставува водилка, но во исто време и предизвик.

Како членувањето во АИЕСЕК ви помогна во вашата кариера?

  • Она што најмногу ми помогна се вештините кои ги развив и способностите да развијам визија, поставувам стратегија, вршам продажба и одржувам контакти со луѓе од целиот свет. АИЕСЕК ме научи сам да ја создадам својата работа и да бидам успешен претприемач. Исто така, АИЕСЕК овозможува директен пристап до исклучителни бизнис лидери и тоа е одлично за да можеш дознаеш повеќе за корпоративниот сектор и луѓето кои работат. Притоа повеќето од тие бизнис лидери ги ценат вредностите на еден АИЕСЕКовец и знаат дека е подготвен за работа.

Дали имавте некоја потешкотија која успеавте да ја надминете во АИЕСЕК и преку тоа да стекнете и усовршите нова вештина?

  • Пред да влезам во АИЕСЕК имав потешкотија со јавно говорење, но откако станав член не само што ја совладав таа вештина, туку сега ми претставува задоволство да држам јавни говори, а воедно успеав и да го усовршам мојот англиски, а и да научам француски јазик.

Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

  • АИЕСЕК е составен од луѓе кои те мотивираат да бидеш подобар човек. АИЕСЕК ти овозможува да се пронајдеш себеси и да дознаеш што вистински ќе те направи среќен, а од друга страна ќе ти ги развие вештините за да можеш да го достигнеш тоа. Затоа би им препорачал на сите студенти да го преземат овој чекор за да се пронајдат себеси, да ги создадат и почитуваат своите вредности и да се зачленат во оваа извонредна организација.

Која е најголемата промена која АИЕСЕК ја прави во општеството?

  • АИЕСЕК го развива потенцијалот кај младите и создава луѓе кои се свесни за самите себе и за глобалните проблеми и се подготвени да направат позитивна промена во светот преку нивното дејствување.

Интервју со Сашо Фотевски, член на бордот на советници на АИЕСЕК Скопје и Менаџер на Градба Промет

Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Првата причина за која влегов во оваа организација беа праксите кои АИЕСЕК ги нуди. Во тоа време сакав многу да шетам и да собирам искуства од најразлични држави и заедно со моите пријатели се решивме да се зачлениме во АИЕСЕК. Откако станав член го сфатив вистинското значење на оваа организација, на некој начин ме мотивираше да останам и да бидам дел од нешто поголемо.

Колку време бевте член на оваа организација и во која област членувавте?

Во АИЕСЕК влегов во 1981 година и првите две години бев во функционалната област “Exchange“ но потоа се решив да се префрлам во маркетинг и со тоа моето искуство заврши во 1985 година.

Кое Ви беше најдоброто искуство во АИЕСЕК?

Како најдобро искуство морам да ги одвојам сите оние конференции кои се одржуваа во Југославија. Во тие четири години успев да отидам на 8 конференции и таму имав шанса да го споделам моето искуство со луѓе од многу држави и создадов многу нови контакти кои ми помогнаа понатаму во животот. Исто така отидов и на две професионални пракси, една во Виена и една во Атина. Тие пракси ми помогнаа да ги развијам моите вештини и да се издигнам на ново ниво во мојот професионален живот.

Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Во АИЕСЕК успеав да развијам многу вештини кои дотогаш не сум ги поседувал, комунакациските вештини и самодовербата се само дел од она што го научив во АИЕСЕК.

Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

Сите контакти кои ги створив во АИЕСЕК ми помогнаа во мојата кариера. Луѓето во компаниите го препознаваа квалитетот кој го нуди АИЕСЕК и беше многу полесно да се најде работа и да се напредува во истата.

Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

Најмногу би им препорачал на студентите да го преземат овој чекор за да се развијат на професионално ниво, за кога понатаму ќе се сретнат со оној “живот после факултет“ да имаат знаење и да се спремни да се соочат со обврските кои им следат.

Што мислите кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

Преку размените кои АИЕСЕК ги врши прави промена со тоа што помага да се срушат сите културни бариери меѓу народите, а во исто време создава интелектуалци кои се спремни да направат промена во општеството.

Интервју со Михајло Ширгоски – директор за продажба во компанијата Кабтел во продолжение на “UNLEASH THE HERO WITHIN”

АИЕСЕК не е само студентска платформа која овозможува поинаков развој надвор од студентското секојдневие, туку е водич за тоа како треба да се изгради еден човек во лидер, во способна и квалитетна личност која отстапува од толпата, знае што сака да постигне во животот и успева во тоа. Михајло Ширгоски, директор за продажба во компанијата Кабтел ни зборува за неговото искуство во АИЕСЕК и како тоа му помогнало да се развие на лично и професионално ниво.

Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Дознав од моите пријатели за АИЕСЕК како студентска организација која нуди размена. Бидејки во тоа време беше многу потешко да стигнеш до информации се решив да се зачленам за да дознаам повеќе од тоа што нуди АИЕСЕК како организација.

Колку време бевте член на оваа организација?

Кога се зачленив во АИЕСЕК влегов во една средина на луѓе кои немаат никакви предрасуди едни спрема други и навистина ми се допадна таа атмосфера каде што за дискриминација немаше простор. Дружењето со пријателите кои ги стекнав таму ме натераа да останам во организацијата малку подолго – околу 4 или 5 години.

Во која област членувавте?

Не можам точно да се сетам но знам дека имав искуство во повеќе области. Тоа многу ми помогна бидејки ја разбрав организацијата како цело. Имав искуство со контактирање компании и барање партнерства, исто така и со практиканти кои доаѓаа кај нас на пракса и уште многу други.

Кое Ви беше најдоброто искуство во АИЕСЕК?

Најдоброто искуство во АИЕСЕК ми беше праксата во Париз. На таа пракса се стекнав со огромно знаење како истражување и купување на одредени производи и позиционирање на истите во маркетите, правење анализи и презентирање на стратегии како да се промовира одреден производ и така натаму. Преку таа пракса научив како функционира една компанија и за мене тоа претставува одлично искуство. Исто така дружбата со практикантите кои доаѓаа на пракса во нашата држава беше одлично бидејки се запознав со многу луѓе од различни култури.

Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Со тоа што секоја година одев на конгреси низ целиот свет сретнав многу луѓе и создадов контакти кои траат вечно. Она интернационално искуство кое го имав ми помогна да ги покажам моите вештини и квалитети на пошироко со што моето знаење и мојата самодоверба многу се зголемија.

Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

Сите искуства кои АИЕСЕК ми ги даде и целото знаење со кое се стекнав ми помогнаа секаде кај што работев. Сите АИЕСЕКовци со кои јас работев денес се луѓе кои навистина се многу успешни и знам дека тоа се должи на искуството кое го добиваме од АИЕСЕК.

Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

На студентите би им препорачал да бидат дел од АИЕСЕК за понатаму во животот да станат едни од најдобрите иноватори, лидери, “шизици” и пред се добри луѓе кои се свесни за околината и за развојот на самите себе и оние околу нив.

Што мислите кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

Според мене АИЕСЕК претставува организација од која излегуваат професионалци, лидери, иноватори и профил на луѓе кои секоја компанија го посакува. Единствено такви луѓе се спремни да ја направат потребната промена во општеството.

Ива Дујак раскажува за нејзиното 4 годишно искуство во АИЕСЕК

АИЕСЕК на интернационално ниво брои над 1000000 алумни кои биле дел од историјата на АИЕСЕК и со своето искуство во оваа организација успеале да направат промена во општеството. Еве што имаше да ни каже нашиот херој Ива за нејзиното искуство.

Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Станав член на АИЕСЕК сосема случајно. На едно од предавањата на факултет дојдоа претставници на АИЕСЕК да го најават информативниот состанок, отидов од љубопитност, чисто за да дознаам за што се работи. Таа одлука да отидам на состанокот наместо на кафе по предавањето во тој момент ми изгледаше многу небитна, но излезе дека е една од моите најсреќни случајности. По инфо состанокот истата желба за повеќе информации ме однесе на првиот LC состанок, па на првата конференција, првиот проект and the rest is history.

Колку време бевте член на оваа организација?

Четири години кои ми понудија искуство кое вреди барем дупло.

Во која област членувавте?

Најизменично бев дел од маркетинг и HR (денешен Talent Management), паралелно бев и проектен менаџер, организатор на конференции, ментор и што уште не.

Кое Ви беше најдоброто искуство во АИЕСЕК?

Искрено ми е тешко да издвојам само една работа. Интернационалните конференции имаат своја привлечност, но и секојдневното работење ми значеше навистина многу – работењето на проекти од најразлични области, држењето на презентации за развивање на способностите на АИЕСЕК членовите, организацијата на конференции, сè се тоа искуства кои ми значат навистина многу.

Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Многу поголема отколку што можев некогаш да замислам . На професионален па и на приватен план, АИЕСЕК имаше големо позитивно влијание врз мојот развој. Од совладување на личните стравови, до мотивирање на други да го направат истото, со АИЕСЕК научив многу и се охрабрив да истражувам уште повеќе.

Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

Дури откако престанав со активно работење во АИЕСЕК сфатив колку големо влијание имало моето АИЕСЕК искуство врз мене. Факултетското образование ми понуди добра основа, но искуството од работењето на АИЕСЕК проектите ми даде голема предност и можност за многу кратко време да напредувам и во професијата.

Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

Бидејќи е незаменливо искуство од секој аспект – учење на работи кои стандардното образование не ги нуди, стекнување на работни навики кои ниту една пракса не може да ги замени, отворање на видиците – давање на младите можност да се почувстуваат како дел од светот а не само изолирана балканска земја, неверојатно искуство – колку и да звучи фалбаџиски, со активно работење во АИЕСЕК работите се навистна мнооогу полесни по факултет.

Што мислите кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

Креирање на млади, амбициозни лидери кои се свесни дека го имаат знаењето, способностите и алатките да придонесат за позитивна промена во секој аспект од општеството и незапирливо работат на тоа.

Методија Трајковски раскажува за своето интернационално АИЕСЕК искуство

АИЕСЕК креира платформа каде младите луѓе можат да го истражуваат и развијат својот лидерски потенцијал. Ова претставува мисијата на АИЕСЕК во која нашиот алумни Методија цврсто верува.  Методија денес е проект менаџер во компанија од светски рамки и за неговиот успех му се заблагодарува на АИЕСЕК. Прочитајте повеќе за неговите најубави искуства во АИЕСЕК.

  1. Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Она што ме натера да се приклучам во АИЕСЕК беше самата желба да заминам на пракса. Дознав дека АИЕСЕК е партнер со многу компании и се решив да аплицирам за пракса во една од нив. Откако не ме примија на пракса во компанијата сфатив дека се  уште имам некои недостатоци во моето знаење и некои вештини кои треба да ги развијам и токму тоа ме натера да земам уште поголем чекор во АИЕСЕК и да аплицирам за потпретседател во функционалната област Човечки ресусри и со тоа започна моето искуство во АИЕСЕК.

  1. Колку време бевте член на оваа организација?

Јас се зачленив во 2005 година и истата година станав потпретседател. Тој мандат ми траеше една година и потоа се решив да аплицирам за потпретседател во АИЕСЕК Франција каде што исто така членував една година. Со тоа што бев потпретседател една година во Скопје и една година во Франција бев член во оваа организација 2 години.

  1. Во која област членувавте?

Во Скопје членував во функционалната област Човечки ресурси, а пак во Франција бев во функционалната област Односи со надворешни ентитети.

  1. Кое Ви беше најдоброто искуство во АИЕСЕК?

Тешко е да се одвои само едно искуство затоа ќе набројам неколку. Како прво самото работење во тим кој се состои од луѓе од најразлични позадини, очекувања и цели и самиот процес на градење на тим од единки во цело е едно од најдобрите искуства кои ги добив во АИЕСЕК. Исто така сите оние меѓународни конференции беа одлична можност и одлично место каде можеш да ги демонстрираш своите способности и исто така да се сретнеш со најразлични размислувања на луѓе од многу држави. Како последно и едно од најдобрите искуства ми беше водењето на проекти. Во тоа време, како студент, немаше ниедно место каде што би можел да го искусам она менаџирање на тим и водење на еден проект, а тоа ми го овозможи АИЕСЕК.

  1. Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Најголемата промена која АИЕСЕК ја предизвика во мене беше воведувањето на културна сензитивност. Преку работењето во АИЕСЕК станав способен да се прилагодам на обичаите и навиките на луѓето и преку водењето на тим станав свесен за развојот на другите луѓе и можев да се посветам и да имам еден несебичен фокус на нивниот развој.

  1. Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

АИЕСЕК ми помогна да направам еден баланс помеѓу работата во тим и работата со мојот клиент. Сите оние “soft skills“ кои АИЕСЕК ги развива кај младите луѓе, лидерите, се исклучително важни за мојата професија. АИЕСЕК ми отвори многу можности за да се стекнам со знаење и искуство и сите оние работи кои сум ги научил и искусил во АИЕСЕК ми помогнаа да стигнам кај што сум денес.

  1. Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

На студентите би им препорачал да земат учество во АИЕСЕК најмногу за да се подготват за професионалниот живот кој следува после факултетот и да имаат веќе искуство за многу од предизвиците со кои ќе се сретнат понатака во животот.

  1. Што мислите кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

Со тоа што луѓето работат во АИЕСЕК, тие на млади години стануваат свесни за сите оние општествени проблеми со кои светот се соочува. АИЕСЕК креира една средина која е свесна и спремна за решавање на тие општи проблеми и за мене тоа претставува најголемиот импакт кој АИЕСЕК го прави во општеството.

Интервју со Сашо Додовски – директор на Младинскот Kултурен Центар во Битола

Да се биде херој, значи да се започне со нешто од ново, без никаков страв од неуспех. Сите ние сме херои гледано од тој аспект затоа што постојано ги прифаќаме секојдневните предизвици и започнуваме од почеток.

Сашо Додовски, кој моментално е директор на Младинскот културен центар во Битола, низ неколку прашања ни ја раскажа својата херојска АИЕСЕК приказна.

  1. Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Во АИЕСЕК се приклучив заради тоа што во тој период  имав желба да се возобнови АИЕСЕК на Економскиот факултет во Прилеп. Поради различни причини,  меѓу другото и кадровски, локалниот комитет во Прилеп петнаесетина години не постоеше. Кон крајот на 1994 година, по остварени контакти со неколку колеги од Економскиот факултет во Скопје, најпрво лично, како поединец, а потоа и со неколку колеги, оформивме јадро кое што го возобнови локалниот комитет на АИЕСЕК во Прилеп и за кратко време го етаблиравме во комитет кој што беше најуспешен локален комитет во Македонија. Се екипиравме со исклучително квалитетни луѓе, изработивме многу добра стратегија и за кратко време станавме препознатливи по својата работа, најпрво на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ во Битола, а подоцна преку нашите активности и многу пошироко. Тоа е едната од двете главни причини, а втората причина беше тоа што знаев дека АИЕСЕК навистина отвора многу нови можности за студентите и имав желба тоа да го понудиме и на нашиот факултет.

  1. Колку време бевте член на оваа организација и во која област членувавте?

Во АИЕСЕК бев член три години, но и подоцна во периодот кога ги завршив студиите бев полу активен член и до ден денес сакам да бидам вклучен во активностите, помагам на свој начин, директно и индиректно. Во целото време на членување бев претседател на локалниот комитет, за да во еден период после тоа бидам дел од надзорниот одбор на комитетот, кој што тогаш постоеше.

  1. Кое АИЕСЕК искуство би го издвоиле како најдобро во текот на вашето членување?

Искуствата кои што ги стекнав со АИЕСЕК се огромни и многубројни. Најдобро искуство беше тоа што можев да учествувам на два интернационални конгреси. Тоа беше во 1995 година во Шри Ланка, што само по себе претставуваше незаборавнио искуство поради тоа што тоа беше прва моја можност да се сретнам со луѓе од целиот свет. Самата локација беше ретко повторлива и целиот амбиент на настаните, кои беа организирани во многу специфични околности, ќе ми остане засекогаш во сеќавање. Вториот светски конгрес на кој учествував се одржа во САД, во 1997 година, во Атланта.  И на двата конгреси учествувавме како делегација од  Македонија со по седум – осум луѓе. Двата конгреси беа успешни бидејќи најголемиот исчекор се направи со учеството на тие конгреси, што влијаеше и на етаблирањето на АИЕСЕК Македонија на меѓународно ниво, но и во однос на етаблирањто на АИЕСЕК во Македонија на национално и на локално ниво. Би сакал да споделам уште едно искуство, а тоа беше учеството на Европскиот конгрес, во 1996 година, кога што со двајца колеги бевме единствени учесници од нашиот локален комитет од Прилеп. На конгресот имавме можност да воспоставиме поблиска соработка со АИЕСЕК Грција бидејќи тогаш АИЕСЕК Грција го водеа колеги од  Атина.

  1. Каква промена предизвикува оваа организација преку искуствата кои ги нуди?

Како оранизација, убеден сум дека секој поединец кој што ќе биде нејзин член и кој што ќе биде посветен на работата во АИЕСЕК,  ќе почувствува  огромни и исклучителни промени.  АИЕСЕК секој човек го прави многу поуспешен и многу поквалитетен и токму затоа членството во оваа организација им го препорачувам на сите.  Секој успешен член на АИЕСЕК подоцна е успешен поединец. Тоа може да се провери не само во Македонија, туку  и на меѓународно ниво. Искуствата кои се стекнуваат во текот на членувањето и во текот на работата на оваа студенстска организација, неформалните знаења кои ги нуди АИЕСЕК, контактите кои што се остваруваат и мрежата која АИЕСЕК ја создава помеѓу поранешните членови на АИЕСЕК, создаваат предуслов за секој член на АИЕСЕК понатаму да стане успешен поединец  во својата кариера. Истото и кај мене даде огромно влијание и предизвика промени од кои до ден денес имам полза и токму поради тоа сум среќен што сум бил член на АИЕСЕК.

  1. Според Вас, кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

Најголемиот импакт што го прави АИЕСЕК во општеството се промените што ги предизвикува кај секој поединец кој е нејзин член и влијае врз неговата надградба. АИЕСЕК создава поединци кои во иднина се подговени да се вклучат во општествените текови затоа што успешните поединци прават успешни организации, а успешните организации прават попростеритетно и поквалитетно општество. Луѓето кои ги создава АИЕСЕК се подготвени да ги креираат општествените промени во иднина. Креирањето на успешни и квалитетни индивидуи е предуслов за креирање на поуспешно општество. Токму од тие причини, моја препорака до секој оној кој сака да направи исчекор многу поголем од оној да биде само студент, е да биде член на АИЕСЕК затоа што само така ќе може да излезе од секојдневното сивило кое што го опкружува и токму затоа АИЕСЕК е можеби единствениот прозорец кон светот кој што ќе ги направи поуспешни во иднина.

  1. Што е она што Ве прави Вас херој на оваа организација?

Успех, според мене, е доколку организациите во кои што сум членувал продолжат да функционираат и во иднина и истите да бидат водени од страна на успешни поединци.  Доколку сум бил дел од нешто пред  дваесет години и ако тоа денес сеуште функционира се чувствувам горд, посебно кога станува збор за АИЕСЕК, бидејќи јас заедно со уште неколку колеги бевме генерација која го оформивме локаниот комитет во Прилеп, кој долго време не функционираше.  Пријателите од целиот свет, кои што ги стекнав преку АИЕСЕК се сеуште мои пријатели и сеуште одржувам контакти со нив, сум имал и успешни бизнис зделки со нив, а можам да имам и во иднина. Тоа што голем број од членовите на АИЕСЕК се на водечки позиции во Македонија ги прави на некој начин сите тие луѓе  херои.  Лично за себе, сметам дека сум дел од таа екипа, кој е херојска сама за себе.

Херој се крие во секој од нас.

Овој пат имате можност да го разбудите доколку се приклучите кон АИЕСЕК. Искористете ја шансата.

Уште еден наш алумни зборува за своето АИЕСЕК искуство – Андрија Алексоски како дел од “UNLEASH THE HERO WITHIN”

  1. Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Во тоа време АИЕСЕК беше позната како организација која во главно нуди пракси. Она што ме натера да се приклучам беше токму тоа да одам на разни пракси низ светот и да имам едно интернационално искуство. Исто така ги познавав и членовите кои веќе беа во АИЕСЕК и преку нив дознав за се она што нуди АИЕСЕК како организација.

  1. Колку време бевте член на оваа организација?

Јас се зачленив во АИЕСЕК 1987 година и останав подолг период, околу 6-7 години, бидејќи го фатив оној период кога АИЕСЕК Југославија се раздели на повеќе држави и конечно се основаше АИЕСЕК Македонија.

  1. Во која област членувавте?

Тогаш бев член на функционалната област “Exchange” која беше одговорна за сите оние размени кои АИЕСЕК ги прави.

  1. Кое Ви беше најдоброто искуство во АИЕСЕК?

За мене најдобро искуство беше она што имав директна улога во основањето на АИЕСЕК Македонија. Бидејки тогаш комуникацијата беше многу потешка, за разлика од сега,  транзицијата од АИЕСЕК Југославија во АИЕСЕК Македонија беше многу тешка и претставуваше еден огромен предизвик за мене и моите колеги. Но можам да кажам дека тоа што го научив и тоа искуство што го имав не би можел да го најдам на ниедно друго место.

  1. Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Откако влегов во АИЕСЕК сфатив што се може да се научи и што се ти нуди оваа организација. Најголема промена видов во мојата самодоверба и моите комуникациски вештини.

IMG_0042

  1. Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

Бидејки имав долго искуство во АИЕСЕК веќе го имав целосно разбрано “шаблонот“ на работа кој што се работи насекаде. Со самиот почеток на моето работно место, ми претставуваше огромна олеснителна околност она што веќе имав искуство и многу полесно и побрзо ги извршував моите задачи.

  1. Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

Би им препорачал на студентите најпрво да се зачленат заради нивниот личен развој. АИЕСЕК нуди нешто што ниеден образовен систем не го нуди, а тоа е платфотма на која можете да се развиете професионално, да се стекнете со огромно знаење и да видите каква промена може да направи лидерството.

  1. Што мислите кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

АИЕСЕК постои за да се поттикне и развие потенцијалот на младите и со тоа што се создаваат се повеќе квалитетни и едуцирани студенти, се гледа и промената во општеството.

Интервју со доц. д-р Moника Ангелоска- Дичовска, доцент на Економски факултет во Прилеп како дел од кампањата “UNLEASH THE HERO WITHIN”

АИЕСЕК не е само обична студентска организација која ги зближува студентите.  АИЕСЕК работи во духот на студентите и секојдневно збогатува нечие животно искуство со уште една нова авантура преку размените, преку членувањето во огранизацијата и преку АЛУМНИ средбите.

За тоа дека АИЕСЕК функционира како едно големо семејство на ниво на цел свет и дека придобивките од АИЕСЕК мрежата се големи, а спомените се секогаш топли и асоцираат на една сосема поразлична младост зборува д-р Моника Ангелоска – Дичовска, доцент на Економскиот факултет во Прилеп:

  1. Зошто се приклучивте во АИЕСЕК?

Во АИЕСЕК  видов можност паралелно со моето формално образование да стекнувам и неформално овразование  преку различните семинари, активности, презентации и проекти што ги нуди  АИЕСЕК. АИЕСЕК ми понуди едно ново и различно искуство од она секојдневното.

  1. Колку време бевте член на оваа организација и во која област членувавте?

Во АИЕСЕК членував четири години. Мојата АИЕСЕК авантура започна во 1998 година и траеше до 2002 година. Бев дел од функционалните области информациони системи и човечки ресурси, како потпретседател.

  1. Кое АИЕСЕК искуство би го издвоиле како најдобро во текот на вашето членување?

Покрај меѓународните семинари на кои што учествував и запознав многу нови пријатели и учев и стекнував многу вештини, јас би ја издвоила претседателската улога што ја имав во тимот за организирање на конференцијата МОСЕМ 2000, којa се одржа во Горно Врановце, Велес. Лидерската позиција, тестирањето на организациските вештини, како и тимското работење  за мене беше најдобро што го доживеав во АИЕСЕК и истото го паметам до ден денес.  Таа лидерска позиција ми помогна да се осознаам самата себе и да ги откријам и испитам моите способности за водење, организирање, планирање, комуницирање, преговарање , тимско работење и сл. Семинарот беше посетен од околу 200 учесници од земјата и од странство и беше прогласен за еден од најдобрите АИЕСЕК семинари. Бевме одличен тим, кој посветено работеше неколку месеци за успешна реализација на семинарот, и се соочивме со голем број предизвици, кои претставуваа исклучително искуство за сите нас…Конференцијата требаше да биде отворена од страна на Деканката на Економскиот факултет во Прилеп, но во последен момент се случи истата да не може да го стори тоа,па мораше јас, како лидер на тимот кој го организираше МОСЕМ да го отворам семинарот. Поради напорната работа од претходните месеци, а oсобено од последните неколку дена пред почетокот на семинарот, бев доста изморена, но исто така и имав премногу трема за да го сторам тоа. Меѓутоа благодарение на поддршката на мојот тим се изборив со тремата и го прогласив семинарот за отворен, што самото по себе за мене претставуваше едно ново искуство.

  1. Каква промена предизвика оваа организација кај вас?

Сите ние имаме свои скриени вештини, меѓутоа АИЕСЕК ме натера да ги откријам и да ги развијам тие вештини, ми помогна да станам послободна и посигурна како индивидуа, и да ја проширам мојата мрежа на пријателства од земјата и странство. Всушност,  АИЕСЕК  го промени мојот начин на размислување и целосно ги прошири хоризонтите на моето размислување и погледот кон светот.

  1. Како членувањето во АИЕСЕК Ви помогна во вашата кариера?

Пред се, АИЕСЕК го “набилда“ моето CV.  По самото дипломирање јас веќе имав четиригодишно работно волонтерско искуство во АИЕСЕК; посетено голем број на семинари и конференции, учествувано и изработувано  најразлични проекти во рамките на АИЕСЕК, што ми даваше поповолна позиција при моето аплицирање за работа.  Можам да константирам дека CV – то на членовите на АИЕСЕК, па и самото искуство  стекнато од АИЕСЕК драстично се разликува од студентите кои не биле членови во АИЕСЕК или во други организации. Искуството кои што го стекнав во АИЕСЕК помогна при градењето и насочувањето на мојата кариера и ми помогна полесно да им пристапам на проблемите со кои што и ден денес се соочувам. Членувањето во АИЕСЕК ги олеснува начините за барање на работа по завршувањето на факултетот. Најпрво преку АИЕСЕК имаш можност за  воспоставување контакти со бизнис заедницата, кои во иднина се добра основа при барањето на работа. Доколу се направи анализа на членовите на АИЕСЕК,  може да се забележи  дека најголем дел од нив се наоѓаат на клучни позиции во општеството.

  1. Зошто би им препорачале на студентите да се зачленат во најголемата студентска организација АИЕСЕК?

Затоа што членувањето во АИЕСЕК им овозможува на студентите неформална едукација,развивање на сопствените вештини, поблиско запознавање со бизнис заедницата, размена и работно искуство во странска земја,  запознавање на нови култури, нови  места, нови пријателства и др.

На прво место ќе ја истакнам едукацијата што ја овозможува АИЕСЕК. Стекнувањето на неформално знаење преку семинарите, конференциите и проектите. Она што се изучува теоретски може да се доживее и во практика . Покрај стекнувањето на знаење исто така се развиваат и голем број на вештини: комуникациски вештини, преговарачки вештини, лидерски вештини, вештини за планирање, организациски вештини, тимска работа и сл. Комуникацијата и средбите со бизнис заедницата има овозможува подобро запознавање со работата на компаниите и запознавање на луѓе од бизнис заедницата.

Во АИЕСЕК е клучна размената на студенти и работното искуство во странска земја, единствено  ми е жал што за време на моето членување во АИЕСЕК оваа можност не ја искористив, а нудеше уште поголеми можности за мене како индивидуа.

АИЕСЕК би ја препорачала за секој студент бидејќи во практика  ќе можат да го развиваат сето она кое што го среќаваат во теоријата. АИЕСЕК како студентска организација преку програмите и проектите кои ги нуди овозможува културно развивање, патувања, забава, запознавање на луѓе со кои во иднина можат да соработуваат. Може да се сретнат примери на членови на АИЕСЕК од различни земји кои што подоцна развиле заеднички бизниси,  што значи дека АИЕСЕК отвора најразлични можности во иднина.

  1. Според Вас, кој е најголемиот импакт што АИЕСЕК го прави во нашето општество?

АИЕСЕК го променува начинот на размислување и начинот на дејстување на студентот. Оваа организација на општеството му нуди квалитетни, трпеливи, амбициозни и иновативни кадри. АИЕСЕК-овци се подготвени да се справуваат со општествените текови, и најголем дел од нив се иницијатори на значајни општествени промени.

Формалното образование е секако значајно, меѓутоа  истото може да биде целосно само кога е надополнето со неформално образование, преку  АИЕСЕК тоа може да се добие.

Ви благодарам што ме потсетивте на нешто убаво, слатко и корисно (АИЕСЕК искуство) од пред 13 и повеќе години. Мило ми е што бев дел од АИЕСЕК семејството, од АИЕСЕК добив многу, но не изгубив ништо. Ви посакувам многу успех.

UNLEASH THE HERO WITHIN И ПРИКЛУЧИ СЕ ВО АИЕСЕК! – Официјално започнува регрутацијата на членство 2015

АИЕСЕК е најголемата интернационална студентска организација која веќе 63 години развива млади лидери и во Македонија, а воедно е распространета и во други 130 земји во светот. Целта на АИЕСЕК е да им овозможи на младите да ги развијат своите лидерски способности.

Веруваме дека младите можат да бидат херои на нашето општество само доколку го ослободат херојот во себе :)

Ние во АИЕСЕК НЕ веруваме во стереотипите дека тешко се успева, дека конкуренцијата ќе те прегази, дека работа на студентот е само да учи. Ние веруваме во проактивна младина и пат кој сами ќе си го изгазиме со пред се позитивен став.

Затоа, приклучи се!

Приклучи се кон 100 000 студенти кои секојдневно го менуваат светот. 100 000 студенти кои ги развиваат своите вештини во областа на: маркетинг, продажба, човечки ресурси, проект менаџмент, бизнис администрација, информациони технологии, студенти кои организираат конференции и учествуваат на истите, кои се дел од мрежа на интерационални лидери. 100 000 студенти кои веруваат дека иднината зависи од нив, па решиваат да ја направат онаква каква што сакаат да ја видат, општество во кое сакаат да живеат.

Ние во АИЕСЕК, создаваме херои од 1953.

А ти можеш да бидеш следниот!

Регрутацијата за нови членови е во тек!

Апликациските форми се отвoраат на 7ми септември, а дотогаш следете не на социјалните мрежи.

АИЕСЕК Македонија

АИЕСЕК Скопје

АИЕСЕК Прилеп

АИЕСЕК Штип

АИЕСЕК Тетово

Или пак посетете не на штандовите кои ќе бидат поставени на факултетите во горенаведените градови како и во нивните локални канцеларии.

Пријавувањето трае до 22ри септември.

Запознајте се со новата програма GLOBAL ENTREPRENEURS

Оваа година АИЕСЕК почнува со разработување на најновата програма – Global Entrepreneurs. Станува збор за програма која претставува комбинација од двете веќе постоечки програми кои нудат волонтерски и професионални пракси. Суштината на оваа програма всушност ја одредуваат главните карактеристики на двете горенаведени програми.

Global Entrepreneurs таргетира млади студенти, идни претприемачи, со цел да им овозможи да го прошират нивното знаење преку интернационално практично искуство.

А кое би било подобро  место каде што може да се развие еден млад претприемач отколку во стартап компанија?

Како такви, стартапите претставуваат предизвикувачка средина во која можат да се развијат себеси на еден професионален начин и при тоа да помогнат во развојот на една млада компанија.

За време на неговото искуство, практикантот учествува во одлуките кои ја дефинираат компанијата, нејзините идни активности и помага во зацртувањето на долгорочните стратегии и цели на самата стартап компанија. Секако, професионалниот развој со кој се здобива практикантот не е поразличен од тој кој може да се добие за време од една година.

Дел од многубројните бенефиции коишто Global Entrepreneurs програмата ги нуди се следниве:

  • Стекнување меѓународно работно искуство во нова и динамична работна средина.
  • Можност да бидете дел од меѓународен тим и да добие глобална перспектива
  • Подобрување на претприемачките вештини преку организациско искуство во стартап компанија
  • Шанса за истражување и учење на културата, историјата, архитектурата, јазикот и економијата во земјата
  • Вмрежување со млади луѓе – истомисленици од целиот свет и надворешни партнери на АИЕСЕК
  • Патување и истражување на нова земја

Во рок од 6 – 12 недели пракантот добива слика за тоа како се работи во стартап компанија и како можат неговите претприемачки способности и идеи да направат промена како во компанијата така и во општеството.

Искуството и знаењето стекнато за време на праксата ќе му помогне на “младиот претприемач“, по враќањето да воведе нова иницијатива во бизнис секторот и да отпочне свој бизнис.

Затоа биди оној којшто ќе се разликува, превземи иницијатива, аплицирај на internships.aiesec.org.